Министерот Милошоски во официјална посета на Албанија
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски, на покана од неговиот албански колега Илир Мета, утре ќе престојува во официјална посета на Тирана.
За време на посетата министрите Милошоски и Мета ќе потпишат Протокол за соработка меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји и Протокол за соработка меѓу Директоратот за дипломатска едукација при Министерството за надворешни работи на Македонија и Дипломатската академија при Министерството за надворешни работи на Албанија.

Шефот на дипломатијата Милошоски ќе оствари средби и со претседателот на Албанија, Бамир Топи, претседателот на Собранието Јозефина Топали и од албанскиот премиер Сали Бериша.

За време на овие средби се очекува да стане збор за процесите во однос на остварувањето на идентичните надворешно-политички ориентации во делот на евро-атлантското интегрирање и регионалната соработка,  за продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји и можностите за интензивирање на економската билатерална соработка.

Министерот Милошоски ќе ја искористи оваа посета да оствари средби и со претставници на Заедницата на македонското национално малцинство во Албанија.

Македонскиот шеф на дипломатијата ќе се обрати и пред учесниците на Дипломатската академија на Албанија.

Коментари (0)Add Comment

Напишете коментар

busy