Обраќање на Иванов на Минхенската безбедносна конференција
Инклузивниот модел на нашата демократија е нашиот придонес кон европската и регионалната безбедност,
Република Македонија, во сложени околности, успеа да ги исполни реформите и да ги достигне стандардите. Успеа да постигне компатибилност со НАТО стандардите, успеа да се подготви за почеток на пристапните преговори со ЕУ, и веќе втора деценија во континуитет оддржува макроекономска стабилност според стандардите на ЕУ – изјави Претседателот Иванов на вчерашното обраќање на 46-та безбедносна конференција во Минхен.

Градењето на добрососедски односи бара заемно залагање и ангажирање на засегнатите страни - изјави Претседателот Иванов. Задржувајќи се на наметнатиот спор за нашето уставно име од страна на нашиот јужен сосед истакна дека уште од првите денови на независноста, со наметнувањето на овој спор и последователните дејствија, како некому да му сметаше новата реалност, независна Република Македонија.

Тој спор и однесувањето на нашиот сосед имаа свои импликации во процесот на меѓународното признавање и етаблирањето на нашата држава. Истиот беше проследен со негации, омаловажување, блокади и ембарга и резултираше со преседан при приемот во ОН. Спорот со името целосно неоправдано, дури и апсурдно, нашиот сосед го претставуваше  како безбедносен проблем. Тие, и тогаш, и денес, ја доведуваа во заблуда меѓународната јавност. А наводните аргументи на нашиот сосед во тој контекст беа дека имаме територијални претензии. Иако беа неосновани тие тврдења, Република Македонија, го промени Уставот за и формално да докаже дека нема територијални претензии, дури и го смени своето државно знаме.  Со ова Република Македонија направи конкретни чекори, кои не сум сигурен дека некој друг во меѓународната заедница би ги направил.Република Македонија, тогаш, свесна за сериозноста на вкупните домашни и регионални околности, но свесна и за своите меѓународни обврски, прифати да разговара за надминување на „разликата околу името“. Двете земји потпишаа времена спогодба во 1995та година, по што следеше нормализација на односите.

За жал, и покрај покажаната конструктивност и иницијативност на Република Македонија за наоѓање на решение за овој проблем, на Самитот во Букурешт 2008та, целосно спротивно на обврските од Времената спогодба, Република Грција го спречи приемот во НАТО на нашата земја.

Ако аргументот на Грција беше дека Македонија претставува безбедносно прашање, со тоа што се вика Република Македонија, тогаш зошто Грција го спречи нашиот влез во НАТО? Зошто Грција се осмели да прекрши меѓународен договор, Времената спогодба од 1995та и не дозволи Република Македонија да влезе во НАТО со привремената референца која се користи во ОН? Тоа ќе беше најголемата гаранција на Грција дека Македонија не е безбедносна закана кон ниту еден сосед.

Според Универзалната декларација за човековите права, „сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.“ Ниедна земја не смее да дозволи да се кршат правата на нејзините граѓани, од ниедна страна, ниту од внатре, ниту од надвор.  Станува збор за прашања на кои почива не само меѓународното јавно право, туку и меѓународното право за правата на човекот.

Тоа е наjвисоката цел на човештвото, тоа е најсилната гаранција за да продолжиме по патот на прогресот и безбедноста - нагласи Претседалот Иванов во неговото обраќање.


Коментари (0)Add Comment

Напишете коментар

busy