|
Вториот круг на претседателските и локалните избори, се очекува да биде главна тема на лидерската средба која за денеска ја свика премиерот Никола Груевски.
Поканата не ја прифати лидерот на опозиционата ДПА Мендух Тачи,. поради, како што наведе, пролонгирањето на судските процеси поврзани со минатогодишните изборни инциденти направени од членови на владеачката ДУИ. Опозициониот СДСМ најави дека ќе учествува на лидерската средба, на која од премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, меѓу другото, ќе бара одговор за злоупотребата на државните институции во изборната кампања. Според најавите, лидерот на СДСМ Зоран Заев на средбата ќе побара и одговорност од министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за саботните немири на плоштадот во Скопје. Учеството на средбата го потврди и владеачката ДУИ. Средбата, како што е најавено, ќе биде посветена на разгледување на сите аспекти поврзани со претстојниот втор изборен циклус на претседателските и локални избори, како и овозможувањето на сите потребни услови неопходни за повторување на фер и демократската атмосфера во која измина првиот изборен круг. Последната лидерска средба се одржа на 1 март, ден пред почетокот на изборната кампања. Вториот круг од претседателските и локалните избори ќе се одржи на 5 април.
|