|
Владата ќе мора итно да изврши ребаланс на буџетот бидејќи приходите од даноци и акцизи во првите три месеци од годинава се помали за околу 26 милиони евра што е за 9,5 отсто помалку од планираните проекции во буџетот за 2009 година.
Од јануари до крајот на март, Владата планирала да собере околу 272 милиони евра по основа на данок на добивка, персонален данок на доход, данок на додадена вредност (ДДВ) и акцизи. Меѓутоа, поради ефектите од глобалната криза и намалувањето на економската активност во државната каса се слеале само околу 246 милиони евра. Според податоците од Управата за јавни приходи, најголемо потфрлање во собирањето на приходите од околу 18 милиони евра има кај ДДВ-то што е за 11,38 отсто помалку од предвидените средства. Државата планирала да прибере околу 150 милиони евра од овој данок, но во буџетот се слеале само 132 милиони евра. Кај персоналниот данок на доход биле собрани помалку средства за 9,01 отсто. Во државната каса биле планирани 36,6 милиони евра од персоналниот данок на доход, а биле прибрани само 32,9 милиони евра. Кај данокот на добивка има потфрлање за 7,27 отсто односно биле планирани 34,9, а во буџетот се слеале 32,4 милиони евра. Се чини дека бизнисот со акцизни стоки е доходовен и покрај ефектите од кризата бидејќи приходите од акцизи во буџетот во периодот јануари-март се намалиле само за 5,21 отсто. Во буџетот биле планирани 50,8 милиони евра од акцизи, а биле прибрани околу 48,1 милиони евра. Во УЈП соопштија дека во споредба со првите три месеци од минатата година прибраните средства од даноци и акцизи се помали за 10,3 отсто. Ребалансот на буџетот е неизбежен ако се земе предвид дека македонските компании допрва очекуваат да се почувствуваат ефектите од кризата што ќе значи и понатамошно намалување на државните приходи по основа на даноци. Со актуелните буџетски проекции, државата планира до крајот на годината да собере околу 1,256 милијарди евра по основа на даноци и акцизи.
 |