|
Малите и средни компании во основа нема да ја почувствуваат светската финансиската криза. Владата вели дека засега нема потреба директно да интервенира кај одделни компании. Кризата врз реалниот сектор секако има одредено влијание, но финансискиот систем е стабилен, смирува власта.
„Секторот на мали и средни претпријатија е карактеристичен по тоа што е многу флексибилен, може многу брзо да ја пренасочи својата активност“, изјавил вчера Фатмир Бесими, министер за економија. Сепак ситуацијата треба да се следи внимателно а властите да бидат подготвени, објаснуваат експертите, бидејќи никој не може со сигурност да ги прогнозира ефектите од глобалната рецесија. „Владата да си подготви едно тело коешто ќе подготви мерки и тие мерки ќе бидат насочени кон стопанството. Доколку се влоши состојбата, веднаш да се реализираат“, вели Марија Зарезанкова, универзитетски професор. И бизнисмените сметаат дека малите и средни компании полесно може да ја пребродат финансиската криза. „Кога ќе се заглави кит на обала, враќање назад нема. Малите риби полесно може да се вратат во вода. Од тие причини сметам дека малите претпријатија, нивната флексибилност и нивната брзина за адаптација, значат и преживување“, ја објаснува ситуацијата Владимир Лазов, бизнисмен. Оптимистичката варијанта е дека Македонија може да има корист од кризата, бидејќи големите компании можат да ги пренасочат своите бизниси на пазари како нашиот.
 |