|
Среда, 18 Март 2009 11:20 |
Машката ракометна репрезентација вечерва (20.15 ч) во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се сретне со Исланд во квалификациите за Европското првенство во Австрија 2010 година.
На старото место „црвено-жолтите“ ќе се сретнат со стариот познаник кој пред девет месеци беше демолиран со 34-26, по што на Македонија и се отворија вратите за Светското првенство во Хрватска. Ракометари се уверени дека може да се повтори ланскиот меч и да се издвојува победа. Според селекторот Илија Темелковски, рецептот за победа е цврста одбрана и трпелива игра во нападот. - Повторно мораме преку Исланд да бркаме пласман на големо натпреварување. Победата минатата година ни донесе голема самодоверба и е најзаслужна за постигнатиот успех на СП. Овој пат тие нема да не потценат и поради тоа ни е потребна поддршка од навивачите. Се ќе зависи од играта во одбраната, а репер треба да ни биде мечот со Полска од СП. Во нападот не смееме да играме брзоплето, туку со трпелива игра, полека да го кршиме отпорот на Исланд и да стигнеме до победата - вели Темелковски. Триумфот е важен за да се остане во игра за првите места во групата, кои водат на ЕП во Австрија. Играчите велат дека не смее да ги зафати еуфоријата по одличниот настап на СП бидејќи влегоа во нов циклус на натпреварување. - Треба да ја заборавиме еуфоријата по СП, но и по изборите за претседател на РФМ. Последната победа над Исланд не значи ништо. Тие не потценија и платија. Тоа нема да се повтори. Ослабени сме во нападот, но се надевам дека со колективна игра ќе стигнеме до триумф - изјави голманот Борко Ристовски. Исланд без клучните играчи Поради повреда на прстот, нема да настапи бекот Наумче Мојсоски, пикерот Ванчо Димовски заздравува од операција на лигаментите на коленото, а неизвесен е настапот на столбот во одбраната, Велко Марковски, кој е болен од грип и не тренираше последните четири дена. И капитенот Кире Лазаров има мала настинка, но сигурно ќе настапи. Исланд допатува без најдобриот играч Олафур Стефансон, Сигур Сигурсон и без Александар Петерсон.
 |