Кошаркарите на Работнички Фершпед вечерва во 19 часот, во салата „Градски Парк“ во Скопје, се пред тежок испит, во регионалната кошаркарска Балканска (БИБЛ) лига. Избраниците на тренерот Марин Докузовски, ќе имаат тешка задача во дуелот со бугарскиот претставник во ова натпреварување, екипата на Еуроинс Черно Море од Варна.
Не само 16-те поени негатива од првата средба одиграна во Варна пред шест дена, туку и лошиот здравствен билтен во редовите на „Шпедитерите“ се дополнителен проблем за нашиот преставник во ова натпреварување. Имено, поради повреда на коленото, здобиена на првата средба, Докузовски, не ќе може да смета на бекот Алекснадар Димитровски. Изминатите два дена поштедени од тренинзи беа и Тони Симиќ, Александар Угриновски и Тони Грнчаров, поради зголемена телесна температура. - Здравствениот билтен е неповолен, играчите се заморени, за нас ова е трет натпревар во само шест дена, но едноставно немаме избор, ќе мораме да одиграме максимално и да се обидеме да ја анулираме негативата од првата средба, а со тоа и да обезбедиме место во полу-финалето, изјави за МИА, тренерот на Работнички Ф. , Марин Докузовски. Првиот натпревар, бугарскиот тим го доби со 16-поени разлика (78:62). За место на завршниот “Фајнал Фор“ турнир македонската екипа ќе мора да оствари победа од 17-коша разлика, а истото, ден подоцна (в среда) ќе треба да го стори и вториот преставник во ова натпреварување, Фени Индустри, кој пак на гостувањето во Софија, пред седум дена, загуби од Левски со 91:75. Како и вечерашниот натпревар меѓу Работнички Ф. И Еуроинс, така и утрешниот во Кавадарци, меѓу Фени Индустри и Левски, започнува во 19:00 часот.
 |