Коби и Шек потсетија на старите добри времиња
Вторник, 17 Февруари 2009 12:22
Завчерашната средба на најголемите ѕвезди (олстар) во кошаркарската НБА-лига, која се одржа во Феникс, помина во знакот на Коби Брајант и на Шекил О’Нил, поранешните соиграчи во дресот на ЛА лејкерс, кои уште еднаш покажаа дека се можеби најдобриот тандем што некогаш заиграл во најсилната лига на светот.


Брајант и О’Нил се потсетија на деновите кога дојдоа до три шампионски титули со „Езерџиите“ прикажувајќи одлична игра со која му помогнаа на Западот да дојде до убедлива победа над Истокот (146-119). Поради тоа, тие заеднички го понесоа признанието за најкорисни, МВП-играчи, на овој спектакл. Брајант за 29 минути постигна 27 поени, додека О’Нил за само 11 минути реализира дури 17 поени заедно со пет скока.

- Вечерва беше како во старите добри времиња, кои искрено ми недостасуваат. Коби постојано ме бараше на теренот, особено кога игравме два на два со противниците. Беше одлично - изјави по мечот О’Нил.

Меѓу највоодушевените од иг­рата на Брајант и на О’Нил беше тренерот на Истокот, Мајк Браун.

- Тие се страшна комбинација. Којзнае колку вкупно титули би имале ако останеа заедно - изјави Браун.

Коби и Шек завчеравечер настапија заедно првпат по 2004 година, и тоа во третото финале по ред во кое победија. Тогаш управата на Лејкерс мораше да реши кого од нив двајца ќе го одбере како заштитен знак на клубот бидејќи кулминираа нивната меѓусебна нетрпеливост и препукување по медиумите. Тие се решија за Брајант, додека О’Нил замина во Мајами, од каде што, пак, потоа премина во сегашниот тим Феникс. Тоа беше официјален крај на контроверзниот тандем, кој беше одличен на теренот, но не се поднесуваа надвор од него.

Повторното обединување на Коби и на Шек беше комплетирано и со присуството на нивниот тогашен тренер Фил Џексон, кој завчеравечер беше предводник на Западот на олстарот во Феникс.

- Ова е одлична лекција за сите, лекција што вели дека луѓето мора да работат заедно, да ја најдат својата хармонија и да знаат да коегзистираат - филозофски изјави Џексон, кој е познат под прекарот Зен-Мастер.

Главна причина за победата на Западната конференција беше подобриот шут (61-отсто наспроти 47-отсто на Истокот), како и нефорсирањето удари за тројка (Западот имаше 4/14, а Истокот 8/34). Покрај Брајант и О’Нил, во победничкиот тим се истакнаа Амаре Стадемаер (Феникс) со 19 поени и Крис Пол (Њу Орленс) со 14 поени. Предводници на Истокот беа Леброн Џејмс (Кливленд), кој постигна 20 поени, и Двејн Вејд (Мајами) и Пол Пирс (Бостон), кои реализираа по 18 поени.

Коментари (0)Add Comment

Напишете коментар

busy