|
Понеделник, 16 Февруари 2009 13:42 |
|
Продолжува неизвесноста околу иднината на нашиот најтрофеен фудбалски клуб Вардар, откако и една недела по Собранието, на кое Бојан Захариев беше избран за претседател на местото на Трифун Костовски, работите никако да мрднат од мртва точка.
Фудбалерите веќе една недела штрајкуваат поради неисплатени плати, откажана беше промоцијата на новиот тренер Саша Николиќ и играчките засилувања, а откажани се и подготовките во Ветерник кај Нови Сад. Сето ова на само две недели од почетокот на пролетниот дел од првенството. Последната информација која се врти низ фудбалските кругови е дека српскиот бизнисмен Мишо Поповиќ се откажува од Вардар и оти "црвено-црните" ќе продолжат да бидат финансирани од Трифун Костовски, заедно со Аца Булиќ, кој требаше да биде задолжен за спортскиот дел во проектот на Поповиќ. И новоизбраниот претседател Бојан Захариев, најверојатно, нема да издржи долго во жешката фотелја, бидејќи Поповиќ најави негова смена на новото собрание кое, иако одамна се најавува, никако да се одржи.
 |