Финансиската криза го притисна Буџетот на РМ
Понеделник, 16 Март 2009 11:31
Глобалната криза се посилно притиска и врз Македонија. Буџетот е празен, па експертите се погласно бараат Владата час поскоро да направи ребаланс, во кој приходите и расходите ќе се сведат на реални рамки.

 „Буџетот празен како во војна“, е насловот во весникот „Дневник“ од овој викенд, во кој се наведува дека државната каса сега е во истата состојба како во воената 2001 година. Економски експерти за весникот објаснуваат дека во јануари во буџетот останале само пет милиони евра, за разлика од истиот период лани кога имало над 200 милиони. Експертите се загрижени дека ако Владата итно не ја смени политиката, а светската економска криза потрае, загрозени ќе бидат месечните примања на администрацијата, пензионерите и социјалците. Во јануари биле потрошени сите пари што влегле во буџетот, наведуваат тие.

Министерот за финанси Трајко Славески за „Дневник“ објаснува дека ситуацијата и не е толку црна. „Државната каса во јануари не е во минус. Нема проблем и ако влеземе во таква ситуација, бидејќи во нашите проекции за оваа година планиравме буџетски дефицит од 2,8 отсто од бруто-домашниот производ. Се додека од буџетот се исплатуваат платите, пензиите и социјалните трансфери, ситуацијата е под контрола. Исплативме дури и субвенции за земјодлеците“, вели Славески.

 

Некоординираност меѓу владата и Народната банка на Македонија

 

 

Дека ситуацијта со буџетот воопшто не е розова, покажуваат и податоците на Царинската управа од кои се гледа дека само во првите два месеци од 2009 година е забележан пад од четиринаесет отсто во даночните приходи од наплатата при увоз од странство.

Речиси сите медиуми во Македонија неделава јавија дека Владата пуштила во продажба едномесечни државни записи со атрактивна камата од 8.9 отсто.

Тоа за професорот по монетарна економија, Мирољуб Шукаров,  е доказ дека Владата нема пари и има потреба од дополнителни приходи во буџетот. Шукаров, во изјава за телевизијата Алфа, истакна дека е изненаден од некоориднираноста меѓу Владата и централната монетарна власт , односно од експанзивната фискална наспроти рестриктивната монетарна власт, олицетворена во Народната банка на Македонија.

Ова задолжување, според поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, е направено токму за да се исплатат премиите на земјоделците. „Последен пример е кога државата се задолжи со две милијарди денари за да го надмине јазот за нејзините погрешни проценки за буџетот и видовме дека за два дена исплати пари за тутунарите. Но, намалени се и приходите и во фондовите за здравствено и пензиско осигурување. Тоа дополнителчно ќе го оптовари државниот буџет, кој ќе треба да ги зголеми трансефите и кон пензиите и кон здравството. Сето тоа говори дека економската политика не функцинира во моментов“, вели Поповски.

 

Итен ребаланс на буџетот

 

Ова го бараат економските експерти, со цел владата да ги сведе приходи и расходи во реални рамки за една државна каса во време на економска криза, а покрај тоа и неминовно да почне со штедење и стегање на ременот на сите позиции.

Тоа, во експертската анзализа на буџетот за 2009 година, организирана од фондацијата „Отворено општество“ на крајот од февруари, само на три дена пред почетокот на изборната кампања, го побара и професорот Ванчо Узунов. Според Узунов, Владата се однесува како Македонија да не постои на светската економска карта и како кризата да нема да ја зафати. „Бидејќи претпоставките се реално неостварливи, потребно е повторно преиспитување на сите тие претпоставки за негово итно менување во правец на намалување на неговите буџетски приходи и на сведување на нивно реално ниво, она што е остварливо во 2009 година“, вели Узунов.

 

Време е за штедење

 

Во сличен тон е и ставот и на професорот Абдулеменаф Беџети, искажан на истата расправа, кој инсистира во Македонија да се зачува макроекономската стабилност. „Треба да го поканиме ММФ. Движењата на девизните резерви веќе го потрдуваат овој наш став. Значи мора да воспоставиме аранжман со нив за да не ја загрозиме макроекононската стабилност, која веќе е општ благодет за земјата“, вели професорот на Штуловиот универзитет.

За Поповски решението лежи во серија од мерки, со кои треба да се спречат натамошните надолни тенденции во економијата, кои според него, се должат на погрешните проценки на Владата во креирањето на макроекономската политика за 2009 година, а потоа и во конципирањето на буџетот. Потребен е итен ребаланс. Потребено е да се сопре трошењето, да се усклади со намалените приходи. Сега не е време ни за зголемување, ни за намалување на даноците.Меѓутоа, време е за штедење од страна на државата. Треба да ги намали сите расходи и да остане само на нужните. Со тоа треба да се заштити падот на извозот и се` поголемиот увоз, затоа што ако тоа не се случи - дефицитите и на трговскиот биланс и на тековната сметка ќе се продлабочуваат и тоа ќе го загрози курсот на денарот, веќе во втората половина на оваа година. Според мене Владата треба веднаш да реагира“, вели Поповски

 

Коментари (1)Add Comment
vistina
напишал dejan, March 18, 2009
ova sto go slusnav se notorni lagi zatoa sto 80 procenti od robata ne se carini i iskreno mi e zal sto glasav za vmro i mislam deka veke ke me zabvoravat vo ovoj zivot za glasanje i ke pocekam da dojdat domakini a ne kriminalci i ova e eden golem sram za site partii koi nie obicnite smrtnici gledame deka gi zabole za nas pa zatoa neka ne cekaat podrska i toa ke se odrazi na slednite izbori
Пријавете несоодветен коментар
гласај против
гласај за
Гласови: +2

Напишете коментар

busy