ОН: Земјотресот на Хаити логистички најтешка трагедија
Сабота, 04 Април 2009 12:08

Земјотресот што во вторникот го погоди Хаити е логистички најтешка трагедија од тој вид со која Светската организација се соочила, бидејќи по потресот се случи целосен колапс на локалната власт и инфраструктурата, соопштено е од седиштето на Обединетите нации во Женева.

Во соопштението на ОН се наведува дека единствениот функционален аеродром на островот е претрупан со летала, патиштата до него се блокирани, во болниците нема лекари и оти има многу мал број згради на Хаити кои не се целосно уништени.

На сите јавни површини во престолнината Порт-о-Пренс се наоѓаат бездомници кои немаат ниту храна ниту вода. Итните испораки помош многу бавно стигнуваат на островот наспроти големите напори на меѓународната заедница.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека главното пристаниште во престолнината не е употребливо поради штетите кои ги предизвика земјотресот, а во земјата постои само еден аеродром преку кој хуманитарната помош може да биде доставена. Владата на Хаити вчера контролата над аеродромот им ја предаде на САД во настојувањето што побрзо да им се достави помош на преживеаните.

ОН упатија апел до меѓународната заедница за помош во висина од над половина милијарда долари за храна, засолништа, вода и лекови. Официјални претставници на ОН веруваат дека на Хаити од последиците од земјотресот се загрозени околу три милиони луѓе.

Во катастрофалниот земјотрес со интензитет од седум степени според Рихтеровата скала што го погоди Хаити, според проценките, животот го загубија меѓу 100.000 и 200.000 луѓе. 

Епицентарот на земјотресот се наоѓал на 15 километри западно од Порт-о-Пренс, а потресот на тлото се почувствувал и во соседната Доминиканска република, на островот Хиспаниоли и во источните делови на Куба.

Коментари (0)Add Comment

Напишете коментар

busy