|
Петок, 05 Февруари 2010 13:45 |
 Градот Скопје преку финансиско учество во голем број на проекти,
организирани автобуски туристички тури, туристичка промоција на Скопје преку разновиден пропаганден материјал, преку зачленување во Европската маркетинг асоцијација на европски туристички градови и преку учество и презентација на туристички саеми, берзи и други туристички манифестации ќе ги презентира и подобрува туристичките капацитети на Скопје.
Овие мерки и активности се дел од Програмата за општа туристичка пропаганда и за подобрување на условите за престој на туристите во Град Скопје за 2010 година, којашто беше усвоена од страна на Советот на Град Скопје, на вчерашната седница. За реализација на програмата, од Буџетот на Град Скопје се одвоени 14.770.000 денари.
За изработка на општ туристички пропаганден материјал се предвидени 3,5 милиони денари, а за организација на автобуски тури низ градот се предвидени 360.000 денари.
За подобрување на условите за престој на туристите се предвидени 2.650.000 денари, од кои за обновување на постојната и поставување нова туристичка сигнализација и сигналитика, во вид на знаци, патокаци и информативни табли, се предвидени 1,3 милиони денари. Во согласност со оваа програма, средства се предвидени и за разни активности за привлекување туристи за манифестациите што се во организација на Градот Скопје, како „Баскерфест” и „Денови на Крале Марко”.
Финансирањето на оваа Програма ќе се остварува од таксата за привремен престој на туристите наплатена на подрачјето на Скопје, при што се очекува во градот во 2010 година да се остварат околу 200.000 ноќевања.
 |