|
„Телеком Словенија“ го купи „Космофон“ за 190 милиони евра и стана стопроцентен сопственик на вториот мобилен оператор во Македонија со кого стопанисуваше грчката групација „Космоте“ Купопродажната зделка е склучена завчера во Атина, а во пакет со „Космофон“словенечки телеком го презема и синџирот продавници „Германос“.
- Ние сме многу среќни да објавиме дека потпишавме договор за преземање 100 проценти од Космофон. Оваа трансакција ги надополнува нашите постојни операции во Македонија и е продолжение на нашата стратегија за проширување на пазарот во Југоисточна Европа - изјави Бојан Дремељ, претседател на Управниот одбор на „Телеком Словенија“, по потпишувањето на договорот. Задоволство од успешната продажба изрази и „Космоте“. - Задоволни сме од успешната финализација на процесот на продажба на Космофон и од заинтересираноста на голем број телекомуникациски групации - изјави Михаил Цамас, заменик на главниот извршен директор на „Космоте“. Новото телекомуникациско групирање на Балканот со кое „Телеком Словенија“ ги зацврстува позициите на македонскиот пазар значи дека во негови раце одат повеќе од 700.000 корисници на мобилна телефонија, кои беа во рамките на „Космофон“, како и повеќе од 30.000 корисници на фиксната мрежа. Станува збор за бизнис што на „Космофон“ лани му донесе приходи од повеќе од 66 милиони евра. Во Македонија, „Телеком Словенија“ веќе е влезен со инвестиција во „Он нет“ каде што имаат повеќе од 84 проценти. Оттаму се задоволни со бројот на корисници на интернет преку „Он нет“, кои сега се 35.000 или 25 проценти од сите корисници на интернет во државава. Во кусото соопштение по објавувањето на продажбата, раководството на словенечки телеком не открива детали за иднината на бизнисот во мобилната телефонија, во фиксната телефонија и во интернетот во земјава. Не се знае дали сите операции ќе се спојат во една основна компанија, нема детали ниту за тоа што ќе се случи со повеќе од 300 вработени во „Космофон“. Според неофицијалните информации на „Време“, речиси е сигурни дека ќе се оди на ребрендирање, односно дека „Космофон“ ќе го менува името. Сепак, за да стане официјална купопродажната зделка во Македонија треба да ја одобри Комисијата за заштита на конкуренцијата, која треба да се изјасни дали е според законите новото концентрирање во телекомуникацискиот пазар. Директорот Чедо Кралевски вчера изјави дека се уште немаат добиено известување дека е продаден „Космофон“ и дека ќе се изјаснат веднаш штом ќе добијат официјални информации. Според Кралевски, рокот до кога треба да ја одобрат или поништат зделката е деловна тајна, но се работело за денови. На тендерот за продажба на „Космофон“, освен „Телеком Словенија“ се јавија и турските оператори „Турктелеком“ и „Турксел“, а заинтересиран беше и „Мобилком Австрија“. На словенечкиот пазар, „Телеком Словенија“ има 1,5 милион корисници на фиксна телефонија и 1,2 милион корисници на мобилни телефони, а минатата година остварила нето-профит од 86 милиони евра. „Телеком Словенија“ е 75 проценти во државна сопственост, а во негова сопственост е и мобилниот оператор „Мобител“.
 |