|
Владата нема да отстапи од моделот да продава државни записи за да го полни буџетот со пари од граѓаните, фирмите и банките, нудејќи атрактивни каматни стапки.
„Како еден од инструментите за финансирање на буџетот, го користиме тој инструмент, како што се користел и во претходните години, така што сметам дека засега воопшто нема проблем во координацијата и дека вкупното ниво на девизни резерви, ако погледнете, моментално покрива 4,5 месеци од увозот“, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески. Според опозициската СДСМ, вчерашниот потег на НБМ да ја затегне монетарната политика, е показател дека земјава е во длабока рецесија. Предлагаат итни мерки за ублажување на кризата. „Донесување на посебен закон за едногодишно стопирање на отплата на овие хипотекарни кредити. На овој начин, на граѓаните кои заради тоа што го изгубиле своето работно место, сега се во опасност да го изгубат и покривот на главата, ќе им се обезбеди период од барем една година да застанат на нозе за да продолжат да си ги праќаат кредитите“, изјави Зоран Заев. Опозицијата обвини и дека власта на Груевски врши упад во монетарната политика, со што ја принудила НБМ да преземе потег за порестриктивни мерки кои ќе предизвикаат нов бран поскапувања на кредитите.
 |