|
Економското закрепнување во САД би требало да започне на почетокот од наредната година, изјави претседателот на американската Централна банка Бен Бернанке.
“Рецесијата, најверојатно, ќе заврши оваа година, а закрепнувањето ќе се случи на почетокот од наредната година. Ова закрепнување, со време, ќе се забрза“, изјави шефот на Федералните резерви во своето прво телевизиско обраќање. Ова е прв пат во последните 20 години еден актуелен шеф на Федералните резерви, најсилната централна банка на светот, да даде интервју за некоја телевизија. Ваквиот чекор се толкува со сериозноста на ситуацијата и потребата на Централната банка да ја објасни оваа ситуација на пошироката јавност. Бернанке изјави дека ситуацијата на пазарот на труд ќе продолжи да се влошува и оти стапката на невработеност ќе надмине 8,1 проценти, но сепак, дека постојат навестувања за подобрување на состојбата. “Мислам дека ако успееме да го стабилизираме финансискиот систем, падот нема да биде така брз, по што ќе уследи стабилизација која ќе биде основа на закрепнувањето“, изјави Бернанке. Тој, иако оцени дека САД го “избегнале ризикот“ од повторување на економската криза од 1929 година, призна дека светскиот финансиски систем, есента, бил “многу блиску“ до крах. “Тоа беше многу опасна ситуација“, рече шефот на американските Федерални резерви.
 |