Со посредство на владата, новиот газда Моше Баум ја доби „Сведмилк“ за едно евро. На преговорите под водство на заменик-министерот Христијан Делев, основниот услов беше долгот од 4 милиони евра да го исплати кон сточарите. Но, од почетокот на февруари досега сточарите добиваа само рокови и ветувања, а парите на своите сметки никако да видат.
Во меѓувреме додека се добиваше на време, револтот на сточарите растеше. Ваквите одолговлекувања беа причина своето незадоволството да го изразат на протести пред Владата и пред „Сведмилк“. Но, овојпат наместо решение на проблемот, од полицијата добија 27 прекршочни пријави за оние што влегоа кај битолскиот градоначалник и закана дека се обработуваат информациите кој ќе заработи прекршочна пријава за протестите во петокот. „Срамота, погледнете што е ова. Колку полиција ги чува ајдуците... Да ги фатат крадците, кај е Гордана Јанкуловска да прати инспекција таму. Кај крадците, кај се нашите пари, два месеци ни го зема и ова млеко“, велат сточарите. Додека фармерите бараат полицијата да го преиспита криминалот во „Сведмилк“, тој полека излегува на површина. Полицијата преку својот официјален билтен информира дека во тетовско фатила скопјанец кој со своето товарно моторно возило продава тетрапак млеко од фирмата „Сведмилк“ со изминат рок. Од страна на полицијата биле запленети и уништени 600 литри млеко со изминат рок и 500 килограми павлака. Сточарите кооперанти на „Сведмилк“ вчера и денес протестот го ставија во мирување и допрва ќе одлучуваат што да прават. Цистерните на „Сведмилк“ и денеска го земаат млекото во битолско. Сточарите досега го даваа млекото со надеж дека ќе им се плати. Сега веќе се во безизлезна состојба - или ќе го даваат или треба да го истураат.
 |