|
Турската компанија Шишеџам дефинитивно влегува во Македонија. Ќе гради фабрика во Бунарџик на површина од 9 хектари за производство на стакло. Денеска потпишаа и меморандум за разбирање со македонската Влада.
- Планираме производство на 100.000 тони производи и вработување на 250 луѓе од самиот почеток. Половина од производството ќе биде наменето за македонскиот пазар, половина за извоз - изјави Ахмет Керман, претставник на Шишеџам. Компанијата постои повеќе од 70 години. Има претставништва во Русија, Грузија Босна и други земји. Македонскиот пазар го анализирале речиси две години, пред да ја донесат конечната одлука за инвестирање. Македонија е најпогодна за ширење на нивниот бизнис, не само заради поволностите кои ги нуди Владата туку и заради пријателството меѓу двете земји. Според најавите, веднаш ќе почнат со подготовки за изградба на фабриката, а производството ќе тргне во 2011 година. - Ќе почнат да градат во 2010, вкупната инвестиција изнесува 45 милиони евра, а исто толку ќе изнесува и производството на годишно ниво. Македонија нема ваква фабрика и ова ќе биде придонес и за домашните фирми кои нема да мора да увезуваат, а ќе влијае и на зголемувањето на извозот - изјави премиерот Никола Груевски. Потпишувањето на меморандумот случајно се совпаѓа со предизборието во Македонија, велат од Шишеџам. Тврдат дека нема да има одложување на инвестицијата затоа што барем засега глобалната криза не влијае на нивниот бизнис. Оваа недела ова е втора сериозна најава за инвестиции во Бунарџик. Претходно кинескиот гигант Хаер и корејската Тривју објавија дека идниот месец ќе почнат да градат фабрика за производство на ЛЦД монитори и телевизори во Бунарџик.
 |