|
Среда, 11 Март 2009 12:39 |
|
На светот му е повеќе од потребно трансатланско единство и Европа треба внимателно да ги слуша повиците на САД за глобален пристап за решавање на кризата, пишува денеска весникот „Фајненшл тајмс“.
- Додека светот се подготвува за априлскиот состанок на Групата 20 земји во Лондон, од суштинско значење е Европа и САД да работата заедно. Европејците треба да разберат дека сите земји, пред се богатите како Германија, мораат да дадат придонес за оживување на побарувачката низ стимулативни пакети за да ја победат кризата, оценува весникот во коментарот по повод светската економска криза. Лондонското издание објавува прогнози дека обемот на производството во Велика Британија ќе биде помал, со најголем годишен пад од 1981 година, додека претпоставките зборуваат за намалување на вкупниот обем на стопанските активности за три отсто во првиот квартал од годинава. Весникот „Гардијан“ информира за претстојниот антикризен собир на Групата 20, истакнувајќи во прв план дека состанокот е загрозен поради зголемените разлики меѓу американскиот и европскиот пристап кон решавањето на кризата. Франција и Германија им се спротивставуваат на повиците за одобрување нови фискални поттикнувања, додека еден британски функционер истакна дека причина за неактивноста за решавање на кризата се наоѓа во американското Министерство за финансии.
 |